Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, информира дека претставниците на Јавното обвинителство на Бугарија денеска пристигнале во македонското Јавно обвинителство и во текот на утрешниот ден ќе ги преземат ДНК анализите од роднините на загинатите во автобуската несреќа, заедно со документација што е досега обезбедена, пред се одземените документи од „Беса транс“ и податоци од Министерството за транспорт и врски.

Јовески посочи дека на експертизата за утврдување на идентитетот од ДНК анализата ќе присуствуваат и двајца претставници од Судска медицина, со единствена цел, како што истакна, „да се забрза постапката“.

Јовески информираше и дека во изгорениот автобус денеска е пронајдено уште едно тело на починат патник, кое што е пренесено во Институтот во Бугарија.

Се работи за лице на помлада возраст. Во несреќата настрадале 45 патници, а седум се пренесени на лекување во софиската болница – изјави Јовески.

Прашан како четири дена по настанот е пронајдено уште едно тело, Јовески објасни дека Обвинителството било транспарентно во целиот процес и се што е преземено е соопштено на јавноста.

Апсолутно сум уверен дека нема никаков сомнеж во пронаоѓањето на уште едно тело, затоа што од сликите што ги видовте, автобусот е многу оштетен. При соодветните вештачења во дел од автобусот е пронајдено уште едно тело. Според тоа, ја уверувам јавноста да нема никаков сомнеж во тоа и тоа ми го потврдија и бугарските обвинители и ова е неспорен факт – изјави Јовески.

Во однос на т.н. „осми патник“, Јовески вели дека сето тоа ќе се утврди во текот на истрагата што ја водат бугарските власти.

Осмиот патник го споменува само еден од повредените патниците, додека документацијата покажува нешто друго. Во болницата на лекување се донесени седум патници – изјави Јовески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.