Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески се сомнева во веродостојноста на „бомбите„ кои се дел од доказите во случајот „Топлик”, па поради тоа од судот побара нивна анализа.

На почетокот на денешното судско рочиште за случајот „Топлик”, адвокатите на првообвинетиот Јанакиески побараа да се изврши анализа од стручно лице на „бомбите” за овој предмет кои беа презентирани на претходното рочиште.

Според адвокатите, постои сомнеж прислушуваните разговори да се менувани, за што им биле укажано од технички советник, поради што предложија да се наложи нивно вештачење.

Адвокатката Сања Алексиќ рече дека постојат технички лаборатории каде може да се утврди автентичноста, веродостојноста и целовитоста на снимките.

Одбраната побара од судот 608-те материјални докази на СЈО да бидат селектирани на 83 докази во функција на ефикасност на постапката.

Обвинителката од СЈО Лиле Стефанова не се согласи да се читаат селективно доказите, затоа што, како што рече, сите докази се битни, а не само 83-те како што предложи адвокатот Данчо Наков.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.