Три лица, следбеници на ИСИС, се обвинети за формирање терористичка организација и за кривично дело тероризам од Обвинителството за организиран криминал и корупција. Според соопштението од Јавното обвинителство на Македонија, до водачите е дојдено со помош на истрагата против осум лица која тече од декември минатата година.

Главниот на терористичката организација било лицето со иницијали Б.А. од кумановско.

На почетокот на 2019 година, обвинетиот Б.А. создал злосторничка организација – терористичка организација „ќелија“ со идеолошка матрица на терористичката организација ИСИС. Прифаќајќи го криминалниот план на терористичката група, припадници на „ќелијата“ станале обвинетите В.А. и Е.Љ., како и осумтемина осомничени за кои се спроведува истражна постапка од 28.12.2020 година. Во терористичката група постоела координација и заедничко делување, со намера загрозување на животот и телото и создавање чувство на несигурност и страв кај граѓаните.

 

Секој член имал конкретни задачи и тоа: обвинетиот А.Б. како организатор обезбедувал пари за остварување на целите на злосторничката организација, го договарал и организирал набавувањето (купувањето) на оружјето, муницијата и воената опрема, организирал вежбовни активности поврзани со употреба на огнено оружје и експлозивните направи, организирал средби на кои се прикажувале видеа со радикална содржина, како и начинот на изработување на експлозивни направи.

 

Обвинетите В.А.и Е.Љ. како припадници на злосторничка организација – терористичка група „ќелија“ добивале конкретни задачи од обвинетиот Б.А., обезбедувале логистичка поддршка и имале задача да обезбедат простории односно објект, во кој ќе го држат оружјето, муницијата и воената опрема. Воедно изработувале импровизирани експлозивни направи, обезбедиле патничко моторно возило со кое ќе се пренесува оружјето и учествувале во неговото пренесување и прикривање, а собирале и информации за движење и вршеле опсервирање на објекти и локации – соопштија од Јавното обвинителство.

Обвинетите дејствувале по однапред направениот план. Со намера да извршат едно или повеќе убиства, телесно повредување, уништување на јавни објекти, објекти на инфраструктура и објекти во општа употреба на територија на Република Македонија, од почетокот на 2019 година, се подготвувале, купиле, пренесувале и држеле експлозив, огнено оружје, муниција, гранати, бомби и воена опрема.

Притоа обвинетите изработувале импровизирани експлозивни направи и во два наврата, од крајот на месец април до средината на месец август 2020 година, со намера да го испробаат разорното дејство на изработените експлозивни направи, ги употребиле во напуштениот објект на поранешниот Хотел „Ку-ба“ во близина на с. Проевце, Куманово.

 

Како дел од обуката за користење на ракетен фрлач – зоља и на другото автоматско оружје, обвинетите од засега непознато лице набавиле ракетен фрлач – зоља и вршеле пробно испалување, како и пукање со автоматска пушка, и во близина на местото викано Менкова Колиба во близина на Куманово – информираат од Обвинителството.

Паралелно со обвинението, предложени се и натамошни мерки притвор за сите обвинети терористи од злосторничко-терористичката група. Како што велат од Обвинителството, тоа е предложено и поради оправданиот страв дека обвинетите ќе ги повторат кривичните дела, односно ќе бидат во можност да извршат: убиство, телесно повредување, изведување на терористички акти на цивилни или на т.н. меки цели, како и изведување на напади на јавни објекти, објекти на инфраструктура и објекти во општа употреба на територија на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.