Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица од Прилеп и едно од селото Десово за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „насилство“ во Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп, каде извршиле грубо насилство врз двајца оштетени – еден вработен како обезбедување во болницата и еден болничар.

Четворицата осомничени, на возраст од 37, 33, 39 и 30 години на 17 април, најпрвин грубо ги навредувале и им се заканувале, а потоа физички ги нападнале оштетените, нанесувајќи им повеќе тешки телесни повреди. Со насилството, кај присутните сведоци и во јавноста било предизвикано чувство на загрозување, страв и несигурност, се вели во соопштението од Jавно обвинителство.

Против лицата има основано сомнение дека сториле кривично дело „Насилство“ од член 386 став 6 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за четворицата осомничени. Судијата го прифати предлогот и им определи притвор во траење од 30 дена.​​

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.