И покрај договорот постигнат по три одржани состаноци да нема групирање за Вевчанскиот карневал, поголема група се собра во Вевчани и не ги почитуваше мерките, затоа интервениравме, велат од МВР откако денеска полицијата се обиде да го спречи одржувањето на Карневалот. Вевчанци своето незадоволство го изразија со вербални напади.

Полициски службеници денеска интервенираа во Вевчани поради непочитувањето на мерките и прописите за спречување на ширење на коронавирусот односно забраната за групирање на повеќе од четири лица со што се загрозува здравјето на граѓаните во услови на глобална пандемија, велат од МВР.

Оттаму додаваат дека и покрај претходно постигнатиот договор на три одржани состаноци со лицата инволвирани околу одржувањето на оваа манифестација да се почитуваат мерките и да нема групирање, тој договор не бил испочитуван.

Денеска поголема група на граѓани се собра во Вевчани, без почитување на мерките односно со недозволено групирање поради што мораше да интервенира полицијата. По документирање на случајот, ќе бидат поднесени и соодветни поднесоци. Апелираме до сите граѓани заеднички да придонесеме за спречување на коронавирусот односно за зачувување на здравјето како на жителите на Вевчани, така и на сите граѓани, велат од МВР.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.