Денешната несреќа на градилиште во Куманово, во која се повредени десет работници, од кои двајца се во критична состојба, уште еднаш ја потврди нефункционалноста на системот за безбедност и здравје при работа, реагираат од Хелсиншкиот комитет. Наведуваат дека градежништвото и понатаму останува најризичен сектор, каде што несреќите со фатален исход се најчести. Констатираат дека фактот што според методологијата на МЗЗПР од 2010 до 2018 година на работно место животот го загубиле најмалку 318 работници, а со повреди се здобиле најмалку 895, не предизвикува соодветна реакција кај надлежните институции за да се намали црната статистика и да се подобри безбедноста.

Иако Хелсиншкиот комитет редовно апелира до работодавачите доследно да ги почитуваат законите и правилниците со кои се обезбедуваат безбедни работни услови, без темелен ангажман на сите чинители на системот за безбедност и здравје при работа, состојбата нема да се промени и дополнително ќе се влошува. Притоа, проблемот не го лоцираме во недостигот на законска регулатива, туку во недоследната имплементација на законите – и во однос на превенцијата на несреќи на работно место и во однос на санкционирањето на пропустите кои довеле до вакви инциденти, велат од комитетот.

Од Хелсиншки информираат дека се обратиле до Државниот инспекторат за труд за да спроведе темелна истрага за овој случај, да ја лоцира одговорноста за несреќата и соодветно да ги санкционира сите кои со непостапување или прекршување на законите и процедурите дозволиле да се случи уште една во низата вакви трагедии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.