Полицијата од регионалниот центар за гранични работи Север приведе 50 странски градежни работници на градилиштето зад „Рамстор мол“, кои работеле подолг период таму, без документи, објави САКАМДАКАЖАМ.МК.

Полицијата спроведе контрола на градежни објекти на странска фирма, меѓу булевар Кирил и Методиј и улицата Јордан Мијалков, поради сомнение дека повеќе странски државјани непријавени работат на објектите и незаконски престојуваат во Република  Македонија. Притоа, на објектите биле затекнати околу 50 странски државјани кои немаат регулиран престој и кои работат непријавени. Тие биле приведени и по целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави, одговорија од МВР.

Оттаму велат дека не е првпат полицијата да открива градежни работници со нерегулиран престој, како на диво заработуваат во нашата држава. Пред една година МВР привела поголема таква група, но оваа состојба, во уште поголем број странски ѕидари, ја затекнаа и на градилиштето на „Лимак“.

МВР сè уште проверува какви државјанства имаат затекнатите илегалци, но апсењето и комбињата на МВР, како што забележа фоторепортерот на САКАМДАКАЖАМ.МК, се токму на градилиштето на „Лимак“, која е компанија од Република Турција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.