Триесет и тригодишник од тетовски Пирок е уапсен по бркотница со полицијата за време на полициски час која почна во Гостиварско, а завршила во тетовско Сиричино. При тоа 33 годишникот повредил полицаец, оштетил полициски возила и наплатна рампа.

М.А (33) од тетовски Пирок управувајќи патничко возило „фолксфаген пасат“ со германски регистарски ознаки, во кое подоцна се откриени остатоци од бела прашкаста материја, најпрво не застанал на полициски знак во гостиварска Топлица и Врапчиште и продолжил да бега. Во еден момент, враќајќи се наназад, со возилото удрил во полициски службеник и го повредил, соопшти СВР Тетово.

Тој продолжил да бега по автопатот Гостивар – Тетово.

Ја оштетил наплатната рампа, се упатил кон тетовско Желино и по локалниот пат за Сиричино, а попатно удрил и оштетил и две службени возила на МВР. Во знак на предупредување да застане, полициските службеници испукале неколку проектили. Потоа во тетовско Сиричино, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода, информира тетовската полиција.

Лицето е приведен во Полициската станица Тетово и по целосно расчистување и документирање на случајот ќе му бидат изготвени поднесоци за неколку кривични дела.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.