Стојан Павлески, човекот кој минатата година беше претепан од страна на лица блиски до лидерот на „Алијанса за Албанците“ Зијадин Села, почина откако неговите повреди не беа соодветно лекувани, затоа што истиот беше осуденик за настаните од 27 април. Претепувањето на Павлески беше одмазда за недокажан напад. Тој почина како резултат на несоодветно лекуваните трауми нанесени при нападот.

Неговата сестра, Вера Митевска, лани го повика министерот Венко Филипче да се засрами од постапките на неговото министерство и докторите кои го игнорирале Павлески, кој имаше отворени рани на главата.

Телото на Павлески, дрско и безобзирно, по наредба, е оставено само да скапува. Болниот деноноќно го гледа престарената мајка и членови на семејството – потенцираше тогаш Митевска.

Во самото писмо Митевска тогаш наведе: Првите три дена на Траумaтологија, брат ми беше контактибилен, зборуваше и стануваше, а потоа од лековите стана коматозиран. Четири месеци го држат на некаква инфузија или раствор, кој секојдневно му го убризгуваат во телото. Повремено му даваат и малку антибиотик( така ни велат медицинските лица) и сите заедно кои се „грижат“ за него молчат! Кога има медицинска визита, нас домашните, нѐ бркаат од собата. Сите дијагнози и документи се чуваат под клуч, кај началникот! Докторот, кој што ја изврши операцијата на носот, предложи пациентот да биде префрлен на друго одделение, но препораката беше неуспешна, заради наребите од неговите претпоставени, директорот, началникот или кој знае кој, кои имаат за цел  брат ми да биде умрен, свирепо, на тенане, напиша лани Вера Митевска.

Пред неколку дена во телефонски разговор за МКД.мк од кабинетот на министерот потврдувале дека комплетно се запознати со случајот и дека во договор со семејството пациентот ќе биде префрлен во Геронтолошкиот завод во Скопје.

Го посетивме пациентот и она што може да го кажеме е дека тој е навистина во тешка состојба која бара да се префрли во друг оддел, а не на Клиниката за Трауматологија. Утврдено е дека додека се наоѓа на овој оддел, лекарите соодветно го третирале и дека никогаш не била одбиена работна задача од страна на персоналот. По консултација со вработените лица, како и со семејството договорено е пациентот да се префрли во Геронтолошкиот завод каде би ја добивал нега и третман што се соодветни за неговата здравствена состојба – рекле во таа прилика од кабинетот на министерот Филипче.

Стојан Павлески, обвинет за тепањето на Зијадин Села, 4 месеци се наоѓаше на Клиниката за трауматологија во Скопје по тешките повреди добиени од ќотек, по што, како што тврди неговото семејство, бил фрлен на улица.

Му се судеше за убиство во обид на Села за настаните во Собранието, по што врз основа на снимка која беше дел од доказите кривичното дело за него беше преквалификувано во насилство. Тој пред судот го призна делото и рече дека го нападнал Села во момент на агресија, по што беше осуден на условна казна.

Додека лежеше на трауматологија, имаше многу реакции на револтираните граѓани, кои се прашуваа како е можно човек кој е самохран татко на едно малолетно дете, да е оставен сам на себе да се грижи.

Павлески имал повреди на рбетот и крварење во мозокот. Лежел неподвижен  и неговите се жалеа дека мораат сами да му ги преврзуваат раните, бидејќи персоналот на клиниката се жалел на предолгиот престој како и на мирисот кој се шири од раните. Состојбата му беше сериозна, а сега тој им подлегна на повредите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.