Обвинителката Фатиме Фетаи за случајот „Монструм“, во завршните зборови најпрвин ги отфрли шпекулацијата дека возилото „опел омега“ било на „Алфите“, како и дека наводно жртвите биле убиени на друга локација.

Меѓутоа, таа теорија обвинителката ја побиваше прво, осврнувајќи се со сведочење на лице осудено за измама кое зборувало дека кога било уапсено, со истото возило било возено во полициска станица. Таквото сведочење, според неа, нема поткрепа.

„Наводно, знаел дека токму тоа е возилото затоа што на телевизија видел дека возилото е од иста, ‘вишна’ боја. Не се сеќавал ниту на табличките, само знаел дека биле скопски“, изјави Фетаи.

Таа ја отфрли и шпекулацијата, која кружеше во јавноста, дека наводно жртвите се познавале со синот и ќерката на Трајко Велјановски.

„Се шпекулираше дека имале честа дружба, и дека поради тоа биле ликвидирани. До овој момент ниту беше предложен доказ, но ниту имаше индиции дека децата се познавале со деца на функционери, и дека наводно имале нерасчистени сметки, поради кои наводно биле лишени од живот“, истакна Фетаи.

Таа додаде дека според науката и според објективните докази најдени на местото на настанот, се укажува дека петкратното убиство се случило на местото каде што беа и пронајдени телата и дека се останато е научна фантастика.

Дека Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ се извршители на убиствата, рече Фетаи, има докази и во текот на оваа постапка се изведени повеќе докази и искази на сведоци кои го потврдуваат ова.

– Во однос на оружјето, може да се заклучи од доказие дека се користени три автоматски пушки. Сепак, тоа што не се знае кој со кое оружје пукал, или не пукал, не е пречка за утврдување на нивната одговорност со оглед дека се работи за соизвршителство,  изјави Фетаи.

За обвинетиот Хаки Азири, нагласи Фетаи, постојат докази од моментот кога дознава за делото што го сториле Африм и Агим Исмаиловиќ.

– За потсетување Хаки Азири има дадено повеќе искази во текот на постапката. Во своите искази самиот се самопотоварува и го посчува моментот кога токму во неговата кола на обиколницата влегле обвинетите за да го однесе дома. На исто ниво, е и исказот и деталите за неговите и дејствијата на другите, изјави Фетаи.

Завршните зборови на обвинителството за судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, во Основниот кривичен суд во Скопје продолжуваат по пауза од половина час.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.