На 18 септември овој месец, откако ќе бидат прочистени од вулгарни зборови, во Кривичниот суд ќе бидат пуштени бомбите што ги поседува СЈО за петкратното убиство кај Смилковското Езеро.

Судечкиот судија во повторената постапка по предметот “Монструм” Огнен Ставрев изјави дека за него уште овластени обвинители за овој предмет се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

Мене никој не ме известил поинаку. Обвинителите кои седат пред мене за мене сѐ уште се обвинители во овој предмет сѐ до одлуката на државниот јавен обвинител. Сега судењето ќе продолжи, рече судијата Ставрев.

Што ќе се случува понатаму со случајот „Монструм“ на денешното рочиште побараа и родителите на убиените момчиња кои го замолија судијата да им објасни дали предметот и понатаму ќе го застапуваат обвинителите на СЈО и дали ќе почне од почеток.

Судијата Ставрев појасни дека „Монструм“ нема да се врати на почеток бидејќи не се менува судија, туку обвинител, а во тој случај продолжува онаму каде што застанале. Кој обвинител ќе го води случајот „Монструм“ ќе се знае по одлуката на Јовески.

Барањето на оштетените и денес беше исто, односно случајот да остане во рацете на обвинителите на СЈО.

Петкратното убиство се случи на 12 април 2012 година кај езерото во атарот на селото Смилковци, близу Скопје. Убиени беа четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани, Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и Борче Стевковски, 45 години, од селото Црешево. Убиствата се случиле меѓу 19:30 и 22:30 часот кога биле најдени телата на убиените. Обдукцијата врз убиените покажало дека во нив е пукано од три типа огнено оружје, зашто се најдени чаури од три различни типа муниција, што сугерира дека има повеќе од еден извршител на чинот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.