Во предметот со убиството на Пино Секондо, Вишото обвинителство имало два спротивставени ставови презентирани на апелациониот суд.

Контроверзно е однесувањето на Вишото обвинителство оценија адвокатите на мајката на убиениот Пино Секондо затоа што првин имале еден писмен став, а на јавна седница презентирале различен кој победил и е поништена пресудата од 19 години затвор за Ангела Ѓорѓиевска, обвинета за помагање на убиството.

За мене, контроверзен е ставот на Вишото јавно обвинителство, првичниот писмен предлог на ова обвинителство во Апелациониот суд беше жалбите на одбраната да бидат одбиени по поднесените жалби на одбраната и да остане првостепената пресуда во целост. На јавната седница, тој предлог се промени во усмен предлог, жалбите да бидат прифатени и пресудата да биде укината. Сметам дека на овој начин Вишото јавно обвинителство си ја зема улогата на суд наместо да врши обвинување што е негова основна и единствена надлежност” – посочува Димитар Дангов, адвокат на Маја Трпковска, мајка на убиениот Пино Секондо.

Писмениот став бил направен од еден виш обвинител, а на Апелација Виш обвинител бил друг односно новоизбраната Фатиме Фетаи на која и бил доделен предметот.

Фетаи во телефонски разговор со новинар од Телма потврдила дека го сменила ставот затоа што според неа биле утврдени суштествени повреди на фактичката состојба во делот на изведени докази.

Ние не сметаме дека обвинетата не е извршител на делото туку сметаме дека спорна е постапката, изјавила Фетаи во краток телефонски разговор.

Според информациите на кои ги објави Телма, како неутврдена фактичка состојба е наведено тоа што не е најдена пушката со која е извршено убиството, ниту точно е прецизирано времето, начинот и местото на убиството.

Од друга страна на судскиот процес беа користени изјави од сведоци кои го криеле оружјето или пак им бил раскажан начинот како е извршено злосторството. По укинувањето на 19-годишната казна, Ангела Ѓорѓиевска останува во притвор, а веќе е закажано ново судење за 13-ти септември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.