Лице со телесен инвалидитет од Делчево и покрај уредно платен билет за паркинг пред клиника во Скопје, добил блокатор на возилото и платил казна.

Родител на оштетениот, споделувајки детали за случајот, за МИА вели дека иако неговиот син уредно се паркирал на местото означено за лица со хендикеп и платил за времетраењето на користење на паркингот, кога требало да си го земе возилото, добил казна од 3 000 денари.

Фискалните сметки за платен паркинг како доказ не помогнале, па дури и грубо му било кажано дека ако не го тргне возилото веднаш, казната ќе биде уште поголема, за што сведочат и луѓето кои биле со него. Образложението било дека за да паркира на јавен паркинг назначен за лица со хендикеп треба да биде член на Здружението на лица со телесен инвалидитет од Скопје и дека рекламација може да се поднесе на определен мејл, каде ќе биде разгледано дали парите за платената казна ќе му бидат вратени, вели неговиот родител.

Младиот делчевец членува во Здружението „Мобилност” од Кочани, за што поседува потпис и печат од здружението, но тоа не помогнало да се најде заеднички компромис за казната да му биде укината.

Младиот делчевец, правдата ќе ја бара на суд, сакајки со тоа да помогне во иднина ова да не му се случи на друго лице и да лицата со телесен инвалидитет кои користат паркинг да одбегнат било какви казни за навидум банални ситуации. За неговите родители останува нејасно дали треба инвалидните лица патувајки низ Македонија да се регистрираат во секој град посебно, за да немаат такви проблеми.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.