Обвинетиот Зоранчо Митровски ја призна вината во случајот „Империја“, по што Основниот Кривичен суд Скопје одлучи дека по однос на овој обвинет, постапката ќе се раздвои. Овој процес ќе се води против преостанатите три лица од предметот, по спроведената истражна постапка против 19 лица.

Обвинетиот Цветен Панделески, од друга страна, пред судот рече дека не може да го разбере обвинението.

Јас ова обвинение не можам да го разберам, не се чувствувам виновен, рече тој.

Панделески одговори дека не се чувствува виновен за ниту едно од делата што му се ставаат на товар.

Обвинетиот Јованчо Тасковски, преку неговиот адвокат, побара прекин на постапката од краток временски период, поради увид во штетата.

Се двоуми и да признае вина, и да не признае, поради тоа што се работи за специфичен кривично-правен настан, за кој се работи од 2014 година, односно, со тогашното СЈО 2018 година, при што на мојот клиент му пренесов дека има и трошоци на постапка, а кој не е способен финансиски истото тоа да го покрие. На господинот Тасковски му е неопходен краток временски период, тоа да го консултира и со своите членови на семејството. Затоа бараме од судот да ни овозможи дополнително да се произнесеме, рече адвокатот Мерџан Даути.

Судот го прифати ова барање и одлучи постапката да продолжи на 22 март.

Претходно, во своите воведни зборови, обвинителката Лиле Стефанова кажа дека ќе го убеди судот за сторените кривични дела на обвинетите.

Судот ќе го убедиме на кој обвинетите Цветан Панделески и Зоранчо Митровски ги пренесувале средствата, на кои сметки отишле и како го сториле кривичното дело користејќи ја својата службена положба и овластување, рече обвинителката Лиле Стефанова.

Таа рече дека останува на предлозите од обвинителниот акт во врска со имотната корист како и сите други предлози дадени во доказите.

Во овој случај обвинети се Цветан Панделески, Зоранчо Митровски и Јованчо Тасковски, кои се гонат за кривичните дела „злоупотреба на службена положба“, „перење пари“ и „измама“, а Основното јавно обвинителство достави и предлог од тројцата обвинети да се конфискува имот во вкупна вредност од 292 333 000 денари или 4 753 382 евра.

Прво и второобвинетиот се гонат за „злоупотреба на службена положба“ и „перење пари“, а на првообвинетиот на товар му се става и кривичното дело „измама“ за кое се товари и третообвинетиот.

Според опишаните дејствија во Обвинителниот акт, прво и второобвинетиот и веќе едно осудено лице, во периодот од месец мај до месец август 2013 година како соизвршители ги искористиле своите овластувања како одговорни лица – членови на Одбор на директори на правно лице и претставници на акционерскиот капитал.
За дел од лицата опфатени во истражната постапка, помеѓу другото, имаше пресуди врз основа на предлог спогодби, застарување како и решенија за неповедување на кривична постапка.

Помеѓу спогодбите беше и спогодбата на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, кој призна вина и се спогоди со Обвинителството за организиран криминал со што беше осуден на 3 години затвор и исплата од 6,1 милиони евра во кеш за уделот во хотелот Мериот и му беше одземен и имот во вредност од околу 30 милиони евра.

Спогодба, исто така, направи и бизнисменот Орце Камче кој доби казна затвор од една година и обврска да уплати 5,2 милиони евра на управата за јавни приходи заради пресметан непалтен данок со фирмата „Орка холдинг“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.