Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против Д.Г.(58) од с.Звегор, делчевско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „спречување на службено лице во вршење на службено дејствие“ и „тешка телесна повреда“.

На 12 февруари на Граничен премин „Делчево“, додека вработен во Државен инспекторат за транспорт, Д.Р.(47) од Берово, вршел редовна контрола на патничко возило „комби”, со бугарски национални ознаки, пријавениот, кој управувал со возилото, започнал расправија, а потоа физички го нападнал Д.Р., нанесувајќи му тешка телесна повреда.

Инцидентот тогаш го потврдија и од Здружението на превозници во патниот сообраќај, од каде го осудија нападот врз инспекторот.

Апелираме до надлежните да ги преземат соодветните мерки, а дополнително бараме да се стави ред со дивите превозници во патничкиот сообраќај, велат од Здружението на превозници.

Д.Г. ѝ е добро познат на јавноста и полицијата во Делчево, важи за лице со богато криминално досие и блиски конекции со власта, а ова не е прв случај физички да нападне државен службеник.

Истиот насилник во март 2018-та година нападна и нанесе тешки телесни повреди на цариничка. Тој со мотокрос влегол на царинскиот терминал на граничниот премин и во бифето без никаква причина ја нокаутирал цариничката со иницијали М.С., која била на нејзиното работно место во униформа.

Д.Г. почнал да ја навредува цариничката која во тој момент била на својата 12-часовна смена и ручала во бифето. Тој ја прашал како смее да руча и физички ја нападнал со тупаници и ѝ нанел тешки телесни повреди, по што М.С. паднала во несвест. По настананот Д.Г. побегнал со својот мотор.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.