Двајца загинаа, а двајца се тешко повредени во семејната трагедија што се случи изутрината во Прилеп. Повредените се префрлени на лекување на хируршкото одделени во градската болница „Борка Талески“ и лекарите велат дека за едниот е надвор од животна опасност, а за другиот, осомничен за пукањето сѐ уште не може да се каже.

Полицијата и основен јавен обвинител извршија увид на местото на трагедијата и според првичните сознанија 50 годишниот Никола П. со истрели од пиштол ги убил 40-годишната сопруга Александра П. и нејзината мајка, 63 годишната Трајанка К. Со два истрели тешко го повредил братот на сопругата, Љупчо К., а осомничениот има тешки повреди на главата при обидот да биде совладан.

Според основното јавно обвинителство од Прилеп се се случило околу 8 часот изутрината кога во домот на Костовски, родители на неговата сопруга, дошол 50-годишниот Никола П. Со пиштол ги застрелал поранешната сопруга Александра и нејзината мајка Трајанка.

Јавен обвинител во координација со екипи на крим-техника од Министерството за внатрешни работи, изврши увид во куќа на ул. „Александар Македонски“ во Прилеп каде утринава во 8 часот беа пронајдени две безживотни тела. Безживотните тела на А.П. родена 1979 година и нејзината мајка Т.К. родена 1956 година имале прострелни рани. Во нив пукал сега осомничениот, 50-годишниот поранешен сопруг и зет на починатите. Со две прострелни рани се здобило и уште едно лице, брат и син на оштетените, кое било во просторијата. Во обидот да биде совладан, повреден е и осомничениот. Повредениот оштетен и осомничениот се пренесени во прилепската болница каде им се укажува медицинска помош, стои во соопштението на Обвинителството.

Хирургот и директор на прилепската болница Драган Богоески ги објаснува повредите на двајцата пациенти донесени околу 9 часот во Болницата.

Изутрината околу 9 часот во болницата се донесени две повредени лица, по кажување на полицијата, по семејна расправија. Донесени се лицата со иницијали Н.П и Љ.К. пациентот Љ.К е со прострелни рани во стомакот и на подлактицата од десната рака од, најверојатно, огнено оружје. Другиот пациент Н.П. е со повреди, претежно на главата, отворени рани на лицето, на левото око. Според наодот од комплутеркта томографија Љ.К. нема повреди на внатрешните органи, а кај Н.П кој е повреден на главата, нема знаци на внатрешно крварење или за контузија, а раните се од тврд предмет, нагмечени, изјави Богоески.

Анестезиологот Mаргарита Пирганоска вели дека повредениот со прострелни рани Љупчо К е надвор од животна опасност, а за 50-годишниот Никола П. засега тоа не може да се рече.

Соседите на семејството Костоски на улицата „Александар Македонски“ се видно вознемирени и знаат дека се мирни луѓе и не слушнале за семејни расправии. Синот на семејството Костоски, сега повредениот Љупчо си дошол со семејството од Америка за крштевка на неговото дете.

Според соопштението на Обвинителството, наредена е обдукција на починатите, а и претрес на домот на осомничениот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.