Основното јавно обвинителство Битола оформи предмет по добиена анонимна пријава на 12 јануари 2021 година, а во врска со постапување на лекари специјалисти – гинеколози од Клиничка болница Битола и едно лице странски државјанин за кое постојат основи на сомневање дека без лиценца за работа преземало медицинска интервенција.

Кон предметот е припоена и кривична пријава поднесена од СВР Битола на 8.2.2021 против три лица заради преземени дејствија со кои ги пречекориле своите посебни овластувања во вршење на должноста и овозможиле лице без соодветна лиценца за работа издадена од Лекарска комора на РМ, да даде медицинска помош- изврши оперативна интервенција врз родилка, породување со царски рез во ЈЗУ Клиничка болница Битола – операциона сала на Одделение за гинекологија и акушерство.

По завршувањето на интервенцијата, едно од лицата во оперативниот дневник внело невистинит податок, односно во графата податоци за оператор, ги внело своите податоци и податоците на колегата, а од стариот оперативен дневник отстранило страници на кои третото лице ги запишало извршените оперативни интервенции на 1.1.2021 година.

Обвинителството издаде Наредба за собирање потребни известувања до СВР Битола. Испитани се две лица кои дадоа свои сознанија за настанот и поднесено е барање до Лекарската комора на РМ. На 3.2.2021 година јавниот обвинител издаде Наредба за вештачење на Оперативни дневници на Одделот за Гинекологија и акушерство при Клиничка болница Битола, за кои постои сомнение дека содржат невистинити податоци, односно се отстранувани страници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.