Во пожарот што попладнево избувна на две локации во Кочани, и се доближи до станбените домови над градот во Белско Маало, има оштетени куќи, помошни објекти, оштетени се возила, меѓу кои и едно противпожарно возило.

Во кочанската болница десетина лица побарале лекарска помош поради отежнато дишење од чадот, но нема тешко повредени.

Пожарот поради ветерот се шири во правец на селото Тркање, а луѓето кои интервенираат таму се сконцентрирани да го спречат ширењето на огнот кон складот на „Макпетрол“ и една приватна бензиска пумпа. На тоа место има и објекти од лесната индустрија.

Екипи на Територијалната противпожарна единица од Кочани максимално се ангажирани во неговото локализирање, а помош е побарана и од соседните единици од Виница и Пробиштип.

Премиерот Зоран Заев, како и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ја напуштија централната манифестација на Мечкин Камен и се упатија кон Кочани. Заев е во постојана комуникација е со ЦУК, со општинските власти и со МВР.

Истовремено, пожар зафати шума во атарите на планинските села Новоселани и Костин Дол, а поради конфигурацијата на теренот отежната е интервенцијата за негово гаснење. Како што претходно информираше Центарот за управување со кризи, пожарот во Костин Дол бил предизвикан од паднат далекувод.

Во локализарањето на пожарите е вклучено и месното население, а како превентива е исклучена електричната енергија во западниот дел на Кочани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.