Во Основниот кривичен суд во Скопје за денеска се закажани нови рочишта за предметите „Титаник“ и „Маџар телеком“ на СЈО, кои ги презеде во надлежност и натамошно постапување Јавното обвинителство на Република Македонија.

Застапник на двата предмети е обвинителката Лиле Стефанова, за која Советот на јавни обвинители на 16 септември донесе одлука со која беше разрешена од СЈО и вратена во матичното ОЈО Радовиш.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески вчера ја овласти обвинителката Лиле Стефанова и таа понатаму останува надлежна за предметите што ги водеше во СЈО, „Титаник“, „Траекторија“ и „Маџар телеком“.

Случајот за изборни нерегуларности „Титаник“ се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, во „Титаник“ се обвинети и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.