Роднините на осудените во „Монструм“ денеска повторно ќе излезат на протест. Почнува во 13:30 во Чаир, а според најавите протестот треба да заврши пред владата. Ова е втор протест откако судот ги објави казните за петтемина обвинети за петкратното убиство кај Смилковско Езеро.

На претходниот, демонстрантите се судрија со полицијата кај Бит Пазар при што беа повредени 11-мина полицајаци – нападната беше и новинарска екипа.

Заради немирите, десетина лица беа обвинети за учество во толпа бидејќи според обвинителството, се обиделе да го пробијат полицискиот кордон фрлајќи камења, метални шипки и други предмети. За делото на казна затвор од осум месеци до една година беа осудени четири лица. За останите се уште трае судската постапка.

Инаку и минатиот петок беше најавен протест за „Монструм“ ама тој не се одржа. Во полиција го најавил Блерим Ахмеди кој подоцна рече дека станувало збор за лажна вест. Од најавениот протест се огради и братот на осудениот Азири. Појасни дека најавил протест ама за овој петок.

Во случајот Монструм на доживотен затвор беа осудени тројца од обвинетите, а за двајца судот одреди затворски казни од 9 и 15 години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.