Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство бара итно дополнување на Одлуката за забрана за движење на граѓаните во целата територија на државата, во насока на заштита на жените жртви на насилство и семејно насилство. Од мрежата сметаат дека во текот на полицискиот час треба да има исклучоци од санкции за жени жртви и нивните деца, кои го напуштаат домот поради закана и директен ризик од насилство.

Жртвите кои се во висок ризик од насилство, да можат истото да го пријават до надлежна институција или да побараат помош во здравствена установа, како и нивните деца, постари членови на семејството кои треба да излезат со нив како би се заштитиле од насилството, а притоа прекршувањето на полицискиот час да не им биде санкционирано и доколку ги пресретне полициски службеник, тој да им ја пружи соодветната заштита и да ги упати до надлежна институција, се вели во соопштението од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Оттаму бараат во текот на временското ограничување на движењето на граѓаните во случај на насилство во домот, по пријава сторителите на семејно насилство да бидат отстранети од него и да се преземат соодветни санкции против него, како приведување, покренување привремении мерки за заштита и др., се со цел да се заштити жртвата од идно насилство во својот дом.

Во однос на оправданоста на ова наше барање би навеле дека ризиците за зголемување на насилството во овие вонредни околности се бројни. Имено, со мерките и ограничувањата што се на сила, децата се дома цел ден, затворени се сите кафулиња, ресторани, кафеани, затворени се и спортските обложувалници, како и сите останати можности за социјални активности (кино, театар, спорт), пријателите се дома со своите семејства, затворени се сите места каде може да се канализира агресијата и единствено што останува достапно е семејството, сопругата/партнерката, децата, родителите. Голем број граѓани се под притисок дека ќе го загубат работното место по завршување на вонредната состојба и прекинување на важењето на владините мерки и потенцијалниот ризик од зголемување на сиромаштијата. Сите овие фактори влијаат на интензивно зголемување на стресот кај граѓаните, фрустрации, страв и силна загриженост за иднината, кои се тригери за агресивно однесување, изливи на нервоза, зголемена потреба за контрола и изразување моќ, насилно решавање на конфликтите и зголемена примена на насилство, појаснуваат од оваа граѓанска организација.

Тие бараат Владата во најкус можен рок со оглед на итноста на ситуацијата да го усвои ова барање и да донесе дополнување на Одлуката во насока на заштита на жртвите на семејно насилство и нивните деца, а во врска со социјалниот концепт на државата и грижата за семејството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.