Груба дезинформација и пласирање на лаги и невистини е изјавата на вицепремиерката Радмила Шекеринска, за тоа дека четири полициски службеници се заразени од ковид-19, на одбележувањето на Денот на полицијата, вели министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Ваквите неумесни и паушални изјави најпрво фрлаат сенка на работата на Министерството за внатрешни работи, а потоа и на професионалноста и одговорноста на полициските службеници кои целиот изминат период успешно се борат против ширењето на пандемијата во нашата држава. Факт е дека ваквото одбележување на кое дадовме почит и признание на полициските службеници од првиот ден е „трн во око“ на Шекеринска, а со денешните неточни изјави уште еднаш се потврди тоа – вели Чулев.

Според него, вистината е една, а тоа дека настанот за одбележување на Денот на полицијата се случи пред 12 дена. На истиот присуствувале половина од припадниците на Единицата за брзо распоредување и вежбата која беше изведена е дел од секојдневните задачи и обврски на оваа единица. На самата вежба полициските службеници, односно припадниците на ЕБР на себе носеа потребна заштитна опрема и ја почитуваа пропишана дистанца за целосна превенција и заштита од коронавирусот.

Воедно напоменувам дека Министерството за внатрешни работи беше првата институција која набави опрема за своите припадници и која до денес е ставена на нивно целосно располагање. Здравјето и животот на вработените во МВР е најважен приоритет за мене како Министер за внатрешни работи. Дополнително, на крајот ќе ја прашам мојата колешка во владата ако толку многу е загрижена за припадниците на полицијата и армијата, како втор човек во владата зошто до сега не иницира бонус плата за припадниците на МВР и АРМ кои се во првите редови во справувањето со коронавируот? Или пак таа загриженост е видлива само кога е во интерес на исполнување на дневнополитичките цели и агенди на владејачката партија.
Навистина е грубо и некоректно, политичките поени или сопствениот ПР да се гради со груби невистини поврзани со здравјето и животот на полициските службеници – вели во демантот Чулев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.