Автобусот на „Беса Транс“не превезувал канти со гориво, пиротехнички средства или хемикалии за производство на наркотици – откриваат во интервју за „БТВ“, бугарскиот обвинител Бисер Михајлов и истражителот Мариан Маринов.

Двајцата посочуваат дека е утврдена причината за избувнувањето на пожарот, но не ги откриваат сите детали пред објавувањето на официјалните извештаи. Сепак, најавија дека очекуваат вештачењата да завршат најрано до крајот на месецот.

На еден неспорен начин се утврди дека нема никакви траги експлозивни направи и пиротехнички средства. При разгледувањето на доказите до оваа етапа, нема дури ниту минимални податоци дека се пренесувале такви туби со бензин. По однос на другите информации во некои медиуми дека во автобусот имало материјали за производство на наркотици, таа верзија е толку несериозна што не заслужува да биде коментирана. Експлозивни направи, пиротехнички средства и бензин, категорично ви тврдам дека во автобусот не се пронајдени такви нешта – вели Михајлов.

Според Михајлов и Маринов, причината за несреќата е првичниот удар во десната баника на патот за кој велат дека се уште се утврдува. Но, основната претпоставка е дека тоа е резултат на неприлагодена брзина на условите на патот, покрај веќе утврдените недостатоци на патот и сообраќајната сигнализација кои, според нив, имале влијание, но не биле пресудни за несреќата.

Автобус од 18 тони нема што да го запре. Деветте столбови кои ја држат банкината се искршени како чкорчиња од кибрит и банкината влегла внатре, го пробила резервоарот со гориво, којшто е пластичен и можете да си претставите какви искри избиле од триењето – вели Маринов.

Бугарскиот истражител открива и дека на автобусот кој бил направен во 2007 година му бил направен ремонт во Турција, а во таа прилика била променета речиси цела опрема, со друга која не била фабричка, а за која дополнително ќе се утврдува дали воопшто одговарала и на потребните стандарди.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.