Маж од Велешта со потерница од Бразил кој се бара повеќе од 20 месеци за трговија со дрога е уапсен на граничниот премин со Албанија, Ќафасан.

Македонскиот државјанин кој е баран со меѓународна потерница, вчера е уапсен на граничниот премин Ќафасан, на албанско-македонската граница кај Струга.

Според албанската полиција, станува збор за Ф.В.(39) од селото Велешта, струшко, по кого потерница имале распишано бразилските власти, поради трговија со дрога.

Ф.В. во 2007 година се обидел да прошверцува 4 килограми кокаин од Бразил во Барселона но бил фатен од бразилската полиција при што тврдел дека патувал со украден пасош украден од неговиот брат.

Ф.В. престојувал во Македонија без да има прибиеми со полицијата или да биде уапсен иако за него имало покрената меѓународна потерница.

Припадниците на албанската граничната полициска станица Ќафасан, како резултат на постојаната размена на информации со Интерпол Тирана, при влез во Република Албанија, овозможија апсење за екстрадиција во Бразил на Ф.В. 39- годишен, жител на село Велешта, Струга, стои во полициското соопштение.

Полицијата во соопштението додава дека шестиот федерален кривичен суд во Рио де Жанеиро на 27 ноември 2019 година, издал налог за апсење на Ф.В. за кривично дело „трговија со наркотици“.

Процедуралните активности беа спроведени од страна на стручни лица за истрага на криминал од полицискиот комесаријат во Поградец, додека Интерпол Тирана ги следи процедурите за негова екстрадиција во Бразил, стои во соопштението.

Се посочува дека Граничната полициска станица Ќафасан во соработка со царинските органи, како и на сите други гранични премини, во рамки на заложбите за спречување и сузбивање на незаконитост од секаков вид, реализираат зголемени контроли врз основа на анализа на ризик.

Најмалку 215 светски криминалци меѓу кои и од Бразил од 2017 година добиле македонски пасоши со лажни идентитети.

Дали и Ф. В. е еден од нив засега нема потврда од македонските власти кои не знаат 156 идентитети на носители на македонски пасоши издадени во времето додека министер е Оливер Спасовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.