Првообвинетиот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски денеска треба да биде испуштен од Градската општа болница „8-ми Септември“ каде што беше хоспитализиран минатата недела поради контролни прегледи со упат издаден од доктор во ординацијата во КПВ Шуто Оризари.

Како што претходно информираа од ГОБ „8-ми Септември“, Јовановски беше сместен во апартман во одделението за интензивна нега заради почитување на безбедносните протоколи, а не заради тежината на неговата здраствена состојба. Тој е во добра општа состојба и здраствена кондиција, и во болница ќе остане се додека не се комплетираат резултатите од спроведените испитувања, а најдоцна во понеделник, соопштија во петокот од ГОБ 8-ми Септември.

Јовановски треба да биде вратен во КПУ Затвор-Скопје каде што издржува мерка притвор за „Рекет“. Дали ќе остане и натаму во притвор, денеска треба да одлучи Апелацискиот суд. Неговиот адвокат Сашо Дуковски бара да биде пуштен од затвор заради неговата здравствена состојба.

Останатите двајца обвинети за „Рекет“, Катица Јанева и Зоран Милевски – Кичеец се во домашен притвор.

Судењето за „Рекет“ треба да почне утре во Кривичниот суд во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.