Професорот на Економски факулет Бобек Шуклев бараше да има секс со студентка или таа да му плати 1.000 евра за да добие оценка, сведочи Дејан Трајковиќ кој од 2012 до 2018 година работел во бифето на Економскиот факултет.

Во случајот „Еразмус“ обвинети се неколку професори на Економскиот факултет: Славе Ристески, Драги Јанев, Стојан Дебарлиев, Шуклев и демонстраторот Драган Денковски.

Во периодот од 2015, 2016 година две студентки, од кои едната била трудна доаѓале во бифето и седеле со Трајковиќ. Една од нив, онаа која не била трудна прашувала, дали може да се лобира кај професорот Шуклев, кој често доаѓал во бифето, за да добијат оценка.

Трајковиќ му пренел на Шуклев, а тој му рекол дека девојчето било слаба студентка. Но потоа професорот Шуклев го викнал вработениот во бифето и му рекол дека на студентката ќе и стави оценка ако има секс со нејзе или да плати 1000 евра. Девојчето не сакало да има секс и рекло дека нејзините родители работат во Германија и дека ќе си плати.

Шуклев велел дека би сакал да има секс со нејзе бидејќи била многу убава и дека не би ја заменил ни за Украинка која нудела секс за 200 евра.

Но при прашања на одбраната сведокот откри дека во оваа постапка првично и тој бил обвинет, но се спогодил со Обвинителството и добил условна казна. На девојчињата им правел услуги за да добие секс од нив.

Во бифето кај него доаѓал демонстраторот Драган Денковски и му рекол дека може да им среди на студенти да платат кај неколкумина професори за да добијат оценка. Денковски му ја кажал тарифата кај професорите, а вработениот им ги напишал сумите на ливче. Побарале да платат на рати, но Денковски не прифатил.

Сепак сведокот вели дека тој лично не видел дека парите им биле давани на професорите, тој му ги предавал на демонстраторот. Девојчињата му дале пари во неколку наврати, 1000, 800, 700.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.