Доротеј Стојанов не ни сонувал дека наместо во Охрид, каде што тргнал со својата сопатничка, ќе заврши во заложништво во Албанија. Кошмарот на скопскиот бизнисмен почнал на 19 април, кога со неговата сопатничка застанал да вечера во еден струшки ресторан, раскажа Доротеј за Сител. По пат им се приклучиле двајца мажи, познаници на неговата пријателка за кои подоцна ќе се испостави дека се киднапери. Стојанов раскажува дека потоа под присила бил однесен во Радожда. Таму наредба за негово киднапирање ја дал човекот, на кој тој му должел 5 000 евра.

Стојанов во заложнитво поминал седум дена. Киднаперот од него барал да го врати долгот, но бизнисменот успеал да собере само две илјади евра. Тоа не било доволно да си ја исплати слободата.

Уплашен и во туѓа земја, Стојанов решил самиот да се спаси и успеал. Ја искористил ноќта за да се извлече од куќата на киднаперот и целиот случај го пријавил во полициска станица во Албанија. Грабнувачот веднаш бил уапсен.

Стојанов случајот денеска го пријави и кај македонските истражни органи. Според него, во грабнувањето се вмешани и лица од Македонија за кои ќе бара одгoворност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.