На спореден пат кај Тиквешкото Езеро во близина на Кавадарци бил пронајден патнички автомобил со битолски регистарски ознаки и тело на починато машко лице во распаѓање.

Поради лошата пристапност на теренот, полициски екипи од ОВР Кавадарци и СВР Велес извршија увид на лице место. Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци издаде наредби за обдукција на телото на починатиот со цел да се утврдат причините за смртта, како и за ДНК анализа со која ќе се утврди неговиот идентитет – соопштија од ОЈО.

Според информациите на „Фокус” станува збор за автомобилот на Николче Николовски (34) од битолско Буково, кој се води за исчезнат од средината на месец мај.

Претседателот на Месната заедница Буково, Горан Кабровски, кој во неколку наврати апелираше за пронаоѓање на Николовски, за порталот изјави дека цела заедница е вознемирена од случајот, и потврди дека има информација дека пронајдениот автомобил е всушност автомобилот со кој исчезна младиот Николче.

Она кое засега го знаеме е дека тоа е истиот автомобил со кој исчезна Николче. Други информации немаме, чекаме обдукцијата да ги даде одговорите, вели тој.

Од МВР велат дека повеќе детали за случајот ќе има по завршувањето на обдукцијата врз пронајденото тело.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.