Повредениот 27-годишен М.Б од велешкото село Јаболчиште при вчерашната сообраќајка кај Дреново, во добра здравствена состојба вчера попладне  бил испишан од велешката Општа болница и си заминал дома.

Како што информира за  МИА, д-р Весна Неделковска Николова портпарол на ЈЗУ Општа болница, на повредениот му биле направени рентген снимања и лабораториски анализи.

При тоа од рентген снимките лекарите  констатираа дека нема скршеници на телото, но сепак беше оставен на набљудување неколку часа во Болницата  и попладнето во добра здравствена состојба, беше испишан од болница, информира д-р Неделковска Николова.

Сообраќајката се случи вчера околу 11 часот на патот пред село Дреново, кога возило управувано од М.Б. излетало од патот и се превртело на покривот, по што возачот излегол од возилото и повикал Итна помош од Велес.

Во меѓувреме негови роднини го земале со нивно  возило, а екипата на велешка Брза помош го пресретнала на патот Дреново-Лисиче и му укажала прва медицинска помош.

Како што информира за МИА, д-р Василка Пановска Поп-Стефанова, раководител на Итната медицинска помош при ЈЗУ Здравствен дом Велес, на повредениот веднаш  му била укажана прва медицинска помош.

На повредениот веднаш му укажавме итна медицинска помош. Надворешно немаше поголеми повреди, а се жалеше на болки во градите, најверојатно поради нагмечувања од воланот, поради тоа итно го превезовме во велешката Општа болница, појасни Пановска  Поп-Стефанова.

СВР Велес изврши увид на местото на настанот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.