Судијката во Уставниот суд, Наташа Габер Дамјановска, се пофали на социјалните мрежи дека правдата го стигнала возачот кој наводно ќе ја прегазел на пешачки премин.

Голема благодарност и пофалба за професионализмот и ефикасноста на МВР во пронаоѓањето на лицето кое сериозно ја загрозуваше безбедноста во сообраќајот. Ја истакнувам и желбата да се помогне на хумано, а не само на професионално ниво. 

Мојот јавен апел како граѓанин на оваа држава, со најдобра намера и за доброто на сите нас, цели кон заложба за јакнење на превенцијата на вакви состојби и кон построга и поефикасна казнена политика во сообраќајот против крајно неодговорното однесување на некои учесници во сообраќајот.

Постојат бројни соодветни искуства во постарите демократии кои можат да се применат и состојбата да се подобри. Можна е и дополнителна законска регулатива која би воспоставила построги рамки за сторителите, посебно кога се во прашање дејствија кои доведуваат до непосредна животна опасност по другите, а актуелно се третираат само како прекршоци. Време е за позитивни промени и воведување ред, со тоа се постигнува и владеење на правото.

Нека ни е честит Денот на осамостојувањето! Да си ја чуваме Државата, напиша таа на Фејсбук.

Казната за несовесниот возач кој ќе ја прегазел судијката доаѓа само неколку дена откако за сообраќајка со две жртви македонското правосудство определи условна казна.

Драги ФБ пријатели, морам да ви соопштам дека пред еден час ќе бев МРТВА!!!! Најбрутално ќе ме изгазеше возач кој ПРЕТЕКНУВАШЕ други возила со огромна брзина на самиот ПЕШАЧКИ пред молот Рамстор. Возилата доаѓаа од страната на Макпетрол, првите од нив подуспорија пред пешачкиот премин, а овој, спорниот, нестрплив, ги претекнуваше како да се наоѓа на авто трки. Да не изреагирав брзо да избегам ќе беше фатално, за влакно го доптретрчав преминот и се спасив, шинувајќи си ја ногата. Црвено возило, ново, скопска регистрација со бројот четири на регистрацијата и можеби тројка. Толку бев во шок (и сеуште сум) што не успеав да видам добро други карактеристики.
АПЕЛИРАМ НА ВАКВОТО ВОЗЕЊЕ НИЗ ГРАДОТ ДА СЕ СТАВИ КРАЈ! КАКО ГРАЃАНИН БАРАМ НАЈСТРОГИ КАЗНИ ЗА БРЗО ВОЗЕЊЕ. ДА СЕ ПОСТАВАТ КАМЕРИ И БЕЗ ПАРДОН КАЗНИТЕ ДА СЕ ИЗВРШУВААТ! Денес јас преживеав, друг ден, друго лице можеби не. Доста со неизживеани и примитивни. А, да, и да се стави СЕМАФОР таму, кај ДВАТА пешачки премина, бидејќи навистина е небезбедно. Не треба да се случи нешто несакано за да се интервенира. ПРЕВЕНЦИЈА, напиша таа на Фејсбук.

Не дека тој што го прекршил законот не треба да одговара, но додека македонското општество се соочува со досега невидена поделеност кога станува збор за функционирањето на правната држава и правдата, ваквите ситуации предизвикуваат сомнеж кај обичниот граѓанин дека законите важат само за „малите“ и оние кои ги повредуваат правата на „големите“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.