Искусен 76-годишен измамник од Македонија и негов 68-годишен сонародник во саботата попладне се уапсени во Сплит, Хрватска, под сомнение дека во изминатиот месец и половина измамиле најмалку шест стари лица во подрачјата Сплит, Дубровник и Шибеник, земајќи им вкупно околу 180 илјади куни (околу 24 илјади евра).

За време на кривичната истрага по неговото апсење било откриено дека по него се распишани дури три меѓународни потерници преку Интерпол од Словенија, Австрија и од Македонија.

Тој, меѓу другото, успешно ги избегнал апсењата бидејќи си откинал дел од врвовите на пстите со цел да го отежне идентификувањето преку отпечатоци, пишува „Слободна Далмација“.

Интригантни приказни

Во текот на август, двајцата Македонци се врткале околу банки, болници, паркови, пошти и други места каде што се собираат постари граѓани. Кога ќе „таргетирале“ соодветна жртва, настапувале со приказна за случајна сообраќајна несреќа и глумеле дека не се познаваат.

Помладиот се претставувал како израелски државјанин и зборувал англиски, а постариот, пак, како Швеѓанец, кој зборувал германски и „по малку“ хрватски. „Швеѓанинот“ ја прашувал жртвата дали знае англиски, а потоа замолувал да му преведе на „Израелецот“ дека во „судирот“ направил штета вредна стотина евра и дека треба да плати. За да помогне „Швеѓанинот“ навистина вади 100 евра и му ги дава на „Израелецот“.

Целата оваа игра ја правеле пред наивните граѓани, а таа продолжува и понатаму кога „Израелецот“ полн со пофалби и благодарност за чесноста на „непознатиот“ Швеѓанец, ќе извади златен часовник за кој вели дека вреди 15 илјади евра и почнува нова приказна дека неговата сопруга е во болница, дека мора да има операција, а докторот бара многу пари.

„Швеѓанецот“ тогаш би извадил неколку илјади евра и великодушно би понудил да го купи „вредниот“ часовник. Тогаш, добро таргетираната жртва, би скокнала во помош и им понудил неколку илјади евра повеќе за часовникот. „Швеѓанецот“ тогаш „добродушно“ би се повлекол за „Израелецот“ да добие колку што е можно повеќе пари за „операцијата“.

Заедно со жртвата тие оделе во банка за да извади пари, а потоа „Израелецот“ го земал плик со вистински пари и пред жртвата го ставал во чантичка која ја заклучувал со катанец. Тогаш и ја предавал чантичката на жртвата како залог да ги чува парите додека не оди во болница да види како е неговата сопруга со ветување дека кога ќе се врати ќе му го даде часовник, а жртвата него парите.

Но, во чантичката немало вистински пари, туку плик со салфетки и хартиени марамчиња, што измамникот, користејќи момент на невнимание, вешто би го заменил би го заменил со вистинкиот пред да го стави во чантата.

Така, жртвата била убедена дека во заклучената чанта во неговите раце има плик со вистински пари. „Израелецот“ потоа вели дека мора да оди во болница, а другиот измамник ќе остане со жртвата уште неколку минути, по што исто така вели дека мора да оди, но дека „Израелецот очигледно беше чесен човек и дека ќе се врати во секој миг“.

Жртвите би чекале половина или еден час, а потоа ќе сфатат дека се измамени.

Користеле капи, перики, реквизити

Полициските инспектори во Сплит и Трогир разговарале со жртвите и зеле детални описи, а потоа ги прегледувале снимките од видеонадзорот на објектите во близина на кои се случувала измамата.

Велат, не било лесно да се пронајдат измамниците зошто користеле капи и перики, и никој не знаел кои се тие всушност. Сфаќајќи на кои места „оперираат“, полицајците со денови ги чешлале овие реони. Превентивно идентификувале по стотици постари лица на ден, за конечно во саботата да видат двајца постари мажи во аптека во населбата Блатин, кои се совпаѓале со описот што го имаа од жртвите.

Кај нив биле пронајдени поголема сума на пари и еден „златен“ часовник. За време на кривичната истрага бил претресен и станот кој го изнајмиле во Омис и во него биле пронајдени многу пари, неколку „златни“ часовници и неколку катанци.

Краделе и во Дубровник

„Швеѓанецот“ по апсењето дал лажни лични документи на српски државјанин, за потоа конечно да признае дека всушност е македонски државјанин.

И двајцата ќе бидат изведени во општинското државно обвинителство во Сплит под сомнение дека извршиле пет измами и една тешка кражба во Дубровник, каде на ист начин се обиделе да измамат маж кој се посомневал во нивната приказна, по што само му ги грабнале парите од раце и побегнале.

Од Обвинителството ќе побараат истражниот судија да им одреди мерка притвор, пренесува „Слободна Далмација“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.