Полициски службеници од Единица за внатрешни работи – ОКР Аеродром и Драчево при СВР Скопје ноќеска околу 02.00 часот во угостителски објект на подрачјето на Аеродром привеле 17-годишник од с.Зелениково, поради основано сомнение дека е сторител на кривично дело „разбојништво“ во спортска обложувалница во нас.Драчево. Тој е приведен во полициска станица и при извршен службен разговор во присуство на родител, адвокат и инспектор по малолетници, признал дека извршил десет кривични дела „разбојништво“, соопшти МВР.

На 27.05.2022 околу 09.00 часот во спортска обложувалница, 17-годишникот со закана со пластичен пиштол од вработената одзел пари, а истиот ден, на идентичен начин извршил разбојништво и во уште една спортска обложувалница.

Исто кривично дело извршил и на 26.05.2022 во спортска обложувалница на подрачјето на Карпош, на 23.05.2022 во обложувалница на подрачјето на Аеродром, на 17.05.2022 во обложувалница на подрачјето на Кисела Вода, на 06.05.2022 и на 30.04.2022 во обложувалници на подрачјето на Аеродром. Уште три разбојништва во спортски обложувалници 17-годишникот признал дека извршил на подрачјето на Аеродром, и тоа на 27.03.2022, на 23.03.2022 во 21.00 часот и на 03.12.2021 околу 18.00 часот, кога со закана од вработените одзел пари. Кај приведениот биле пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичните дела.

Во координација со Јавен обвинител за малолетници, по документирање на случаите, против него ќе следи соодветна кривична пријава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.