Владата не превзема ништо во однос на намалување на загадувањето на воздухот и заштита на животната средина. И покрај забелешките од Извештајот на Европската комисија во однос на намалувањето на загадувањето на воздухот и заштита на животната средина не се превзема ништо конкретно, а покрај останатото се одбиваат и предлози решенија и амандмани во насока на заштита на животната средина, поднесени од страна на опозицијата во Собранието.

Мнозинството предводено од СДСМ и покрај тоа што нема проекти, што не гради нови, запира и веќе започнати проекти од ВМРО- ДПМНЕ, како што е примерот со изградбата на фабрика за рециклирање на отпад во Прилеп. Во 2016 година ВMРО-ДПМНЕ остави започната фабрика да се гради за селекција на отпад, а новата локална власт ја запре изградбата.

Ане Лашкоска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ на Комисија за финансирање и буџет зборуваше за изградбата на фабрика за рециклирање на отпад во Прилеп и укажа дека во 2017 година ВMРО-ДПМНЕ оставиле започната фабрика да се гради за селекција на отпад, а новата локална власт предводена од СДСМ ја стопирала изградбата. „Во 2017 година ние оставивме веќе започната фабрика да се гради за селекција на отпад, меѓутоа од за мене нејасни причини новата локална власт која дојде во Прилеп ја запре изградбата.

Тоа беше една хала која што за жал сега стојат само железа, зошто беше во една поодмината фаза, затоа што имавме купено и оставено и машина за селекција на отпадот која што како што слушам еве од граѓаните дека се раскрчмува машината и ако навистина тоа се случува е многу жално‘‘, кажа пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ане Лашкоска на вчерашната расправа на Комисија за финансирање и буџет.

Пратеничката Лашкоска рече дека Прилеп бил помеѓу првите општини каде што започнала изградба на фабрика за рециклирање на отпад во 2017 од страна на ВMРО-ДПМНЕ. „Прилеп е единствена општина, сега не сум во тек дали и другите општини тоа го имаат реализирано, меѓутоа беше од малкуте општини кога со локалната власт на чело со ВМРО-ДПМНЕ ние ја завршивме примарната селекција на отпад. На секое семејство беа доделени по 2 канти за ѓубре, од кој во едната се селектира стакло и пластика, а во другата останатиот отпад. Низ целата општина распределивме контејнери за селекција на отпад, посебни контејнери за стакло, за пластика, и за останатиот отпад‘‘, рече Лашкоска .

Во Извештајот на Европската комисија дополнително се нотира дека е слаб напредокот за подобрување на квалитетот на воздухот воопшто. Според извештајот главниот проблем зошто не може да се намали загаденоста на воздухот е слабата координација помеѓу централните и локалните институции. Чистиот воздух беше едно од главните ветувања на СДСМ во предизборната кампања, но не се превземени никакви по конкретни мерки во овој правец. На самиот почеток на грејната сезона од Министерството за животна средина информираа дека многу станици за мерење на загаденоста на воздухот не работат, а признавват и дека шест од нив нема ни да проработат пред декември.

Ова е уште еден пропуст на владата во оваа насока после пропаднатата мерка за инвертери која бомбастично беше најавувана како по крупен чекор во насока на подобрување на квалитетот на воздухот. Но, ваучерите за инвертери останаа неподелени, правилата за аплицирање во последен момент беа сменети од страна на Град Скопје, а истите се неповолни за граѓаните за кои беше наменета мерката. Целта на мерката беше да се помогне на социјално ранливите категории на граѓани кои се греат на дрва да дојдат до еколошки грејни тела, но со новите правила граѓаните ќе треба да вложуваат, ако воопшто можат да обезбедат по минимум 500 евра за инвертер па после да се надеваат дека ќе им бидат вратени од општината.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.