По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Битола поднесе Обвинителен акт против двајца браќа на возраст од 51 и 52 години, од кои едниот се товари за продолжено кривично дело „прикажување порнографски материјал на дете“ од член 193 став 4 во врска со став 3 и став 1 и во врска со член 45 став 2 од Кривичниот законик, додека двајцата како соизвршители сториле и кривично дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“ од член 193-а став 3 во врска со став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Првиот обвинет, во периодот од јули до септември 2016 година ја злоупотребил оштетена која тогаш била на возраст од 13 години, за изработување на аудиовизуелни слики со порнографска содржина. Преку фејсбук -профил со друго име тој во повеќе наврати комуницирал со девојчето, од ИП-адреси физички лоцирани во Нов Јужен Велс, Австралија, каде обвинетиот престојувал од 30.03.2016 година. Притоа ја убедил оштетената, за која знаел дека е малолетна и нема навршено 14 години, да направи интимни видео клипови со порнографска содржина. Клиповите оштетената му ги испратила на обвинетиот, а во зимата 2017 година тој овие видеа со детска порнографија ги прикажал на друго дете кое не наполнило 14 години, испраќајќи ги од истиот Фејсбук профил во порака на втората оштетена – соопштуваат од Јавното обвинителство.

Во периодот меѓу 9 септември 2010 година и 30 март 2016 година во Битола, како што се посочува во соопштението, обвинетите браќа, како соизвршители, преку компјутерски систем набавиле и поседувале над 8.000 фотографии и видеа со содржина на детска порнографија, сочувани на хард диск и ДВД-а кои биле пронајдени и одземени при претрес на нивната куќа. Фотографии со детска порнографија биле пронајдени и при проверка на нивните мобилни телефони.

Еден од обвинетите во текот на истражната постапка подолго време беше недостапен за органите на прогонот, па неговото присуство во текот на постапката беше обезбедено во постапка за екстрадиција со помош на Интерпол и надлежните органи на Република Грција. Дел од доказите во прилог на обвинителниот акт беа обезбедени преку инструментите на меѓународна правна помош од Австралија – се наведува во соопштението.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Битола достави и предлог за продолжување на мерката притвор за првиот обвинет, кој се наоѓа во притвор откако беше лишен од слобода во Грција и екстрадиран во земјава. Како основ за продолжување на притворот се наведува опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците, како и можност да го повтори делото кое му се става на товар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.