Стотици граѓани на Велика Кладуша во Босна и Херцеговина го блокираа преминот на патот кај кампот за илегални мигранти во тој град, со што изразија незадоволство од ескалацијата на мигрантската криза.

Блокадата на патот кај кампот Мирал уследи по конфликт помеѓу незадоволните луѓе и возач на автобус полн со голем број мигранти.

Автобусот, кој вози на комерцијална линија до Бихаќ, се обидел да запре, но демонстрантите го скршиле ветробранското стакло.

Локалната полиција одговори во обид да спречи нови судири.

Инцидентот во близина на кампот за илегални мигранти во Велика Кладуша, следи еден ден откако во тој град се одржаа мирни протести, на кои граѓаните предупредија дека ситуацијата во тој град, преплавен со мигранти, станала неподнослива.

Тие се пожалија на загрозената безбедност и зголемениот број грабежи и подметнување пожари во напуштените згради во кои мигрантите бараат привремено засолниште.

Тие бараат кампот Мирал, во кој живеат околу 1.300 мигранти, веднаш да биде затворен зашто илјадници од нив талкаат по улиците и спијат во парковите и напуштените згради.

Властите на округот Уна-Сана проценуваат дека најмалку 7.000 нелегални мигранти живеат во тој дел на БиХ.

Половина од нив се во прифатните центри во Бихаќ и Велика Кладуша, додека останатите престојуваат на отворено и чекаат можност да ја преминат границата со Хрватска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.