Министерот за финансии на Србија Синиша Мали објави дека утре е историски ден за Србија и Белград, бидејќи почнува изградбата на белградското метро.

– Се е подготвено за утре, понеделник, 22 ноември, официјално да започне проектот за изградба на белградското метро, на Макишко Поле – напиша на Инстаграм министерот Мали, истакнувајќи дека тоа е „историски ден што генерации граѓани го чекале“.

– Многу власти пред нас имаа планови за изградба на метро, но никој никогаш не направи ништо конкретно по тоа прашање. Ние, пак, долго време активно работиме на тој капитален проект кој е од големо, стратешко значење за Белград и Србија – посочи Мали.

Тој најави дека метрото ќе биде најмодерно, целосно автоматизирано, без машиновозач.

– Кога ќе биде целосно завршена, првата линија на метро ќе ги поврзува белградските населби Железник и Мирјево, ќе биде долга 21,1 километар и ќе има 21 станица – напиша Мали.

Тој додаде дека втората линија ќе ги поврзува Бежанија и Мирјево, ќе биде долга 21 километар и ќе има 23 станици, кои ќе се вкрстуваат на Савскиот плоштад.

– Првата линија на метро се планира да биде завршена во 2028 година, а втората во 2030 година. Со воведувањето на метрото во системот на јавен превоз се планира реорганизација на постојните линии на јавниот градски сообраќај – додаде Мали.

Според него, усогласени се линиите на метрото со развојот на „БГ возот“, а планиран е и развој на четири линии на градската железница и три линии на приградската пруга.

– На тој начин ќе имаме многу поздрав град и животна средина, бидејќи ќе го намалиме бројот на автобуси и автомобили на улиците – посочи Мали, додавајќи дека тоа со тоа ќе има интегриран железнички систем, кој се состои од метро, трамвај и БГ воз, со што ќе се решат проблемите во сообраќајот во Белград.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.