Новите загуби на хрватските болници во првите девет месеци од годинава достигнаа милијарда куни (134 милиони евра) објави „Јутарњи лист“, посочувајќи дека 70 отсто од новите дубиози се на сметка на клиничките болници и клиничките болнички центри, каде се лекуваат најтешките случаи, кои се и најскапи.

Загрепскиот весник констатира дека иако таквата пракса се случува со години, сепак нема промени во организацијата на болничкиот систем кој троши сè повеќе за лекување на сè помал број пациенти.

Весникот наведува дека вкупниот долг на болниците достигнал 912 милиони евра, од кои 536 милиони евра се доспеани побарувања, во кои се вклучени и долговите на веледрогериите за испорачаните лекови.

Споредувајќи ги податоците за работењето на хрватските болници од 2013 со оние од 2018 година, очевидно е намален број на пациенти кои се хоспитализираат, но поради тоа не е намален бројот на кревети во болнички услови, што го наметнува прашањето за нивната искористивост.

Сепак, во изминатите шест години забележан е раст на бројот на лекари кои работат во болниците. Во 2013 година во хрватските болници биле вработени 5.861 лекари, а во 2018 година нивниот број е зголемен на 6.838.

„Јутарњи лист“ уште констатира дека и покрај постојаните закани дека „Хрватска ќе доживее лекарски егзодус“, бројот на оние кои работат во странство не надминува 600, бидејќи се покажало дека додека едни лекари заминуваат, други се враќаат и се вработуваат во хрватските болници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.