Грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, објави четири одлуки на владата  во кои спаѓаат задолжителна вакцинација за вработените во домовите за нега на стари лица и за здравствените работници, можност за припадниците на армијата да се вакцинираат во нивните единици и влез само за вакцинирани во местата за забава на затворено.

Мицотакис соопшти дека овие мерки имаат за цел да го ограничат ширењето на вирусот „пред здравствениот систем повторно да биде под опасада“.

За вработените во домовите за нега на стари лица, вакцинацијата веднаш станува задолжителна, а оние кои нема да се вакцинираат по 16 август ќе бидат на принуден одмор.

За втората категорија, здравствените работници, како во државниот така и во приватниот сектор, задолжителната вакцинација ќе важи од 1 септември, а Мицотакис истакна дека „е незамисливо, на пример, невакцинирана медицинска сестра да се грижи за пациент со карцином“.

Паралелно, Мицотакис изрази увереност дека со оваа одлука се согласува голем дел од општеството, но и ги повика партиите да дадат поддршка.

Третата одлука се однесува на вооружените сили, односно на редовните војници кои ќе имаат можност да се вакцинираат во нивните единици.

Иако се споменуваше дека внатрешните делови на угостителските објекти ќе бидат „мешани“ или „чисти“ по избор на сопствениците, сепак, Мицотакис соопшти дека кафулињата, рестораните, баровите, кината, театрите и слично од петок до крајот на август, на затворено, ќе работат, исклучиво за вакцинирани лица и со зголемен, но ограничен број на гости.

Тој додаде дека ова значи дека во текот на летото забавувањето, без разлика дали е на отворено или во затворен простор, ќе се однесува само на гости кои седат на маса, а стоењето ќе биде забрането, за да се спречи ширење на вирусот.

Грчкиот премиер истакна дека станува збор за четири опции кои се во корист на здравјето на вработените, а истовремено се и одлуки што им даваат слободи на оние кои имаат право на тоа.

Земјата нема повторно да се затвори поради ставот на некои. Ќе им даде слобода на многу и заштита на сите. Бидејќи во опасност не е Грција, туку невакцинираните Грци – порача Мицотакис.

Во десетминутната видео-порака до граѓаните, грчкиот премиер посочи дека „операцијата Слобода“ односно процесот на имунизација се шири низ целата држава и „се доближува до целта, во текот на летото да е вакцинирано 70 отсто од полнолетното население“, но сепак, истакна дека појава на Делта сојот и процентот граѓани кои сè уште се двоумат за вакцинирањето го спречуваат брзото и дефинитивно справување со пандемијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.