Се наоѓаме во историски момент. Бугарија носи голема одговорност за тоа што се случува во регионот. Решенијата кои ќе бидат донесени оваа недела во Софија, Скопје, Берлин и Брисел, со сигурност ќе го сменат правецот на развој. Се надевам дека ќе биде за добро. Посакувам успех, наведува поранешниот бугарски претседател, Росен Плевнелиев во анализа за софиски „24 часа“.

– Многу добро ги помнам темните години на режимот на Груевски, и затоа премиерот Заев за мене е светлина во тунелот, надеж за подобра иднина и му посакувам успех. Но, зад секој успех стои правилен план и пристап како да успееш, пишува Плевнелиев.

 

Заев пристигнува пред Кривичен да сведочи за 27 април

Тој смета дека политичкото раководство на Скопје направило погрешен чекор и историска грешка пред 25 години, кога решило да се конфронтира со Грција, како земја членка на ЕУ и НАТО, заборавајќи дека основни принципи на тие организации се консензус, компромис и добрососедски односи.

Според Плевнелиев, ако тогаш бил избран компромис и соработка со Грција, Република Македонија ќе се присоеднела кон ЕУ заедно со Бугарија, Романија или Хрватска, ако не и пред нив.

– Лидерите на земјата денес се исправени пред истата дилема – да се конфронтираат или да соработуваат со Бугарија, земја-членка на ЕУ и НАТО, смета Плевнелиев.

Тој во анализата додава дека раководството во Скопје не треба да очекува оти Бугарија „ќе се откаже од богатата историја под меѓународен пристисок“.

– Не е добар план премиерот Заев да продолжува да настојува за македонско малцинство во Бугарија, бидејќи тоа никогаш не постоело. Во Скопје се загрижени дека Бугарија нема да го признае нивниот идентитет и јазик. Тоа не е вистина, пишува поранешниот бугарски претседател.

Плевнелиев во анализата наведува дека во Бугарија владее „длабока разочараност“ затоа што Договорот за добрососедство не ги дава очекуваните резултати.

– Нема променет однос кон историјата, нема промена во учебниците, видлив е говорот на омраза кон граѓаните со бугарско потекло и останува наративот проектиран од времето на Тито дека сме „татари, фашисти и окупатори“, додава Плевнелиев, потенцирајќи дека она што го сака Бугарија е навистина да почне да се применува Договорот и да даде резултати.

Според него, постои добро и лошо сценарио во односите меѓу Македонија и Бугарија.

– Лошото сценарио е ако Скопје реши дека добитната стратегија е да продолжи да се претставува како жртва на Грција во минатото, а денес на Бугарија. Ќе организираат кампањи, ќе лобираат, како што правеа во последните 30 години, но ќе загубат драгоцено време за неопходните длабоки реформи. Тој статус кво ќе биде во интерес само на Србија и Русија, кои продолжуваат да поттикнуваат антибугарски чувства и да отцртуваат линии на поделба во Република Македонија. За разлика од Скопје, Тирана ќе продолжи со реформите. Ако Македонија задоцни премногу во споредба со Албанија во процесот на интеграција кон ЕУ, тоа може да предизвика голем проблем, кој дури може да го доведе во прашање нејзиниот територијален интегритет, што ќе биде недозволиво за демократскиот свет, оценува поранешниот бугарски претседател.

Според него, сега не смее да се пропушти моментот за решавање на недоразбирањата меѓу Скопје и Софија, бидејќи следната година може биде потешка затоа што „има веројатност во Бугарија да има нова влада од леви и десни популисти под шапката на претседателот популист Радев, кој веќе и јавно повикува процесот на интеграција на Македонија во ЕУ да биде запрен, се додека не биде постигнато јасен обрзувачки билатрален договор меѓу Бугарија и Република Македонија за расчистување на сите билатерални прашања“.

Од друга страна, Плевнелиев смета дека „доброто сценарио“ би било властите во Скопје да започнат „длабоки реформи, насекаде воведувајќи европски вредности и принципи – во политиката на земјата, во институциите, во учебниците, во тајните служби, во општеството, во пристапот кон историјата“.

Според него, ако земјава сака да се присоедини во ЕУ треба да воспостави владеење на правото и почитување на човечките права и правата на малцинствата, вклучително и „на граѓаните на Република Македонија со бугарско потекло“, како и да работи на спроведување на Договорот со Бугарија и на поврзување на двете земји, преку реализација на проектот за Коридорот 8.

– Вистината за историјата, а не за манипулираната историја, е здрава основа за изградба на следни поколенија граѓани на Република Северна Македониа и таа треба да влезе во нивните учебници наскоро, ако не веднаш, додава Плевнелиев во анализиата.

Поранешниот бугарски претседател оценува дека ако земјава „даде гаранции и јасен ангажман за тоа“, вратата за преговори со ЕУ може да биде отворена во декември.

Според Плевнелиев, добар почеток ќе биде ако премиерите на двете земји Зоран Заев и Бојко Борисов продолжат да разговараат, преговараат и прават компромиси – „Заев да покаже добра волја со елиминирање на вештачкото прашање за македонското малцинство во Бугарија, а Борисов да ја прифати реалноста во Македонија“.

Тој смета дека во заедничката Комисија за историски и образовни прашања теба да бидат вклучени признати историчари од Европа, со цела таа да почне побрзо да дава објективни резултати, додавајќи дека Софија сепак треба да има повеќе трпение.

– Софија треба да сфати дека позитивните резултати нема да дојдат веднаш, но ако ги добие соодветните гранции ќе треба да даде шанса. Ако Република Македонија биде запрена или драстично забавена на патот на европската интеграција, тоа ќе им служи целосно на интересите на Србија, Русија, Турција и другите, и ќе ја ризикува кревката стабилност на Балканот. Со тоа Бугарија ризикува да не биде сфатена во ЕУ и НАТО и повторно да се најде на погрешната страна на геополитичката шаховска табла, со тешки последици за неа, предупредува Плевнелиев.

Според него, Бугарија има стратегиски интерес за мир и стабилност во нејзиното опкружување, вклучително и во Република Северна Макеоднија, што ќе биде можно само ако земјава „целосно се интегрира во ЕУ, колку побрзо, толку подобро“.

Плевнелиев нагласува дека Бугарија била „многу помалку подготвена“ за старт на преговорите со ЕУ кога тие започнаа во 1999 година, отколку што тоа сега е Република Македонија, затоа што веќе е членка на НАТО.

– Нам тогаш ни дадоа шанса и тоа беше целосно геополитичко решение, со затворање на очите за многу повеќе несовршености кои Бугарија ги имаше на датумот на почеток на преговорите, отколку што Република Македонија ги има денес, признава Плевнелиев во анализата за „24 часа“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.