Најпознатиот пратеник во Европскиот парламент од партијата на премиерот Бојко Борисов побрза да најави блокада на европскиот пат на Македонија веднаш откако Зоран Заев сношти рече дека е оптимист оти ќе се најде решение за Гоце Делчев. „Бугарија строго ќе се придржува до своите позиции. На Скопје е да започне преговори со Европската унија“ изјави Андреј Ковачев во интервју за агенцијата БГНЕС.

Со истата реторика како и порано Ковачев ги повика „Македонците да бидат храбри и да ја прифатат историската вистина“.

„Зоран Заев секогаш зборува со голем оптимизам и голема надеж дека сè ќе биде во ред. Се надевам дека е искрен. Не можам да разберам зошто мисли дека ако ја прифатиме историската вистина за Гоце Делчев дека тој се дефинирал како Бугарин, тоа ќе биде загуба за нив. Дека некако едната страна ќе ја изгуби вистината. Ова е несфатливо. Современиот македонски идентитет и државност не можат да се градат врз негирање на сè што е бугарско, врз митологијата и лагите наметнати за време на Тито. Зоран Заев и другите македонски политичари велат дека ако ја прифатиме вистината, тоа ќе биде пораз за нас“, вели Андреј Ковачев.

Според него тука е вкоренет главниот проблем.

„Тие прифаќаат дека историските факти се пораз за сегашноста и иднината. Тие велат дека ако го прифатиме ова, Бугарија ќе победи и ќе мора да се откажеме од Гоце Делчев. Ние им велиме: напротив, тој е и ваш. Не само што не треба да се предаваме, туку треба да го славиме уште повеќе заедно. Сите револуционери и преродбеници од 19 и почетокот на 20 век се наши заеднички. Ние сме заеднички наследници на овие луѓе и во Бугарија и во денешна Република Северна Македонија. Не сакаме да се откажат од нив, ниту пак сакаме да играме губитници и победници на кој било начин. Не можете да изгубите од вистината и признавањето на историските факти. Никој не го негира правото на современите Македонци да бидат како што чувствуваат и да зборуваат на јазикот како што сакаат да го дефинираат“, додаде тој.

Ковачев уште го тврди и ова: „Тие тврдат дека сакаме да го смениме нивниот модерен идентитет и литературната норма за која зборуваат, што не е точно. Повеќепати им изјавивме, вклучително и на премиерот Зоран Заев и на поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, дека не станува збор за моментална реалност, туку за толкување и поточно за лаги од минатото, за лагите на режимот на Тито“.

Андреј Ковачев уште ќе го нарече АСНОМ како столб на антибугарството.

„Една од темелите (столбовите) на сегашната македонска државност е АСНОМ, партизаните и комунизмот. Ова во пракса значи дека антибугарската теза продолжува да биде столб на нивната држава. Потребна е храброст да се надмине“ и повторно се зборува за бугарските надежи дека Македонците ќе ја надминеле „југословенската носталгија и сè што е поврзано со негирање на бугарските корени на локалното население во географската област на Македонија“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.