Вкупно 31 партија и 8 коалиции, доставија документи за учество на парламентарните избори во Бугарија на 4 април, јави дописникот на МИА од Софија. Ова вчера го објави портпаролот на Централната изборна комисија Тања Цанева по истекот на рокот за прифаќање на документите.

Изборната кампања во Бугарија ќе почне на 5 март и ќе заврши на 2 април.

Владејачката партија на премиерот Бојко Борисов – ГЕРБ за првпат од основањето во 2007 година, се приклучи на коалиција. ГЕРБ склучи предизборен сојуз со најстарата антикомунистичка партија, Унијата на демократски сили (УДФ), основана по соборувањето на диктаторот Тодор Живков кон крајот на 1989 година.

Двете партии веќе имаат искуство со заедничко учество на европските и локалните избори во 2019 година.

Меѓу пријавените е и партијата Русофили за преродба на татковината, предводена од Николај Малинов, кој беше притворен кон крајот на 2019 година под сомнение дека шпионирал за Москва и подоцна му бил доделен Орден од страна на рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ. Основана е во 2008 година од поранешниот министер за одбрана Јордан Мутафчиев.

Парламентарните избори во Бугарија ќе чинат 1,5 милиони евра повеќе заради коронавирусот, со што вкупната сума за нивно одржување ќе се искачи на околу 52 милиони евра.

Измените се должат на потребата од заштитни маски и средства за дезинфекција во избирачките места со дополнителни 1,5 милиони евра. Советот на министри на Бугарија донесе одлука со која организацијата на парламентарните избори на 4 април 2021 година ја доделува на вицепремиерката и министерка за туризам Маријана Николова, која е од партијата на Валери Симеонов – НФСБ /Национален фронт за спас на Бугарија/.

Досега, заменик-премиерот Томислав Дончев беше одговорен за изборите, но минатата недела беше ставен во карантин поради коронавирус и не е јасно дали рокадата не се должи на неговата болест.

На последните парламентарни избори во Бугарија во 2017 година учествуваа 18 партии и 9 коалиции. Излезноста беше 54,07 отсто или 3.682.151 луѓе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.