Српскиот претседател Александар Вучиќ в сабота ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, објави „Њујорк тајмс“.

Весникот наведува дека Вучиќ ќе се сретне со Трамп за време на неговата посета на Белата куќа, која е планирана по повод американската иницијатива за постигнување договор меѓу Србија и Косово.

Според „Њујорк тајмс“, претседателот на Србија во таа пригода ќе се сретне и со американскиот претставник за Косово, Ричард Гренел. Претходно оваа недела, весникот повикувајќи се на американски официјални претставници, напиша дека Александар Вучиќ и Хашим Тачи тајно се договориле зад грбот на ЕУ, а со посредство на Гренел.

Повикувајќи се на четворица поранешни американски официјални лица, кои цитирале лица вклучени во преговорите, „Њујорк тајмс“ пишува дека Вучиќ и Тачи склучиле таен договор за условите на идниот договор, вклучувајќи ја и идејата за промена на границите на Косово.

Како што јави дописиникот на МИА од Белград, Вучиќ по синоќешната средба во Белград со посредникот на ЕУ Мирослав Лајчак, пристигна утринава во дводневна посета на Москва, каде во текот на денот ќе се сретне со претседателот на Русија, Владимир Путин. Тој утре ќе присуствува на воената парада, по повод одбележувањето на 75-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.