Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека не сака да влегува во мерки и контрамерки во БиХ по одлуката на високиот претставник Валентин Инцко затоа што се работи за друга земја, но додаде дека Србија не може да ја остави Република Српска (РС) без економска поддршка и во било кој друг поглед.

Вучиќ по повод одлуката за забрана за негирање на геноцидот во Сребреница, оцени дека „наметнувањето и октроирањето одлуки однадвор никогаш не може да донесе добри резултати“.

Внимателно ги следиме настаните во Сараево и Бања Лука и се плашам дека атмосферата во БиХ е најжешка од крајот на војната и потпишувањето на Дејтонскиот договор. Време е Србите и Бошњаците да почнат да разговараат како да соработуваат, а не да дејствуваат едни против други – изјави Вучиќ.

Српскиот претседател најави дека на 4 август во Бусија кај Батајница ќе биде одбележана 26-годишнината од прогонот на Србите во хрватската операција „Олуја“, која тој ја нарече најголемо етничко чистење во Европа по Втората светска војна, како и дека тогаш ќе разговара со Раководството на Република Српска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.