За евентуално признавање на Косово, српскиот претседател Александар Вучиќ вели дека не сака да завршат како македонскиот премиер Зоран Заев со Преспанскиот договор и да не добијат ништо.

Вучиќ во интервју на ТВ Хепи во емисијата „Кирилица“ рече дека признавањето би било само добра новинарска приказна, а Србија нема да добие ништо.

Слушнав од еден официјален кинески претставник дека не е се поврзано со Косово, туку дека преку Косово сакаат да ја урнат цела Србија. Тоа не е далеку од вистината, иако ќе зборуваат дека најмодерните и најдобрите политичари се тие кои со воодушевување ќе ја прифатат независноста на Косово, а Србија да не добие ништо, само убава приказна за весници, па да завршиме како македонскиот премиер Зоран Заев со Преспанскиот договор, рече Вучиќ.

Вели дека Србија е под притисок од Европската унија и Соединетите Американски Држави да го признае Косово.

Потоа додаде дека секогаш се смее кога ќе слушне дека демек мала земја како Бугарија ја блокира Македонија во ЕУ.

Тој стравува дека Грција наскоро може да го признае Косово, затоа што ги издигнуваат односите на едно повисоко ниво.

Дијалогот меѓу Косово и Србија наскоро продолжува.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.