Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово телефонски разговараше со албанскиот премиер Еди Рама, откако Албанија ја погоди силен земјотрес, и понудија помош од Србија.

Србија веднаш испрати противпожарна бригада, како прва помош во елиминирање на последиците, јави „Блиц“.

Вучиќ упати и писмо со сочувство до претседателот и премиерот на Република Албанија, Илир Мета и Еди Рама, по повод силниот земјотрес што ја погоди земјата и понуди помош во санирање на последиците.

Со тага ги гледаме сликите од урнатините во Драч и другите места во Албанија. Дозволете ми Вам и на семејствата на загинатите да упатам искрено сочувство, како и да изразам сочувство со оние кои ги бараат своите најблиски, напиша Вучиќ.

Тој наведе дека е тешко да се предвидат такви катастрофи и да се запре немилосрдната сила на природата.

 Ако Србија може да помогне на кој било начин, ние сме подготвени, во рамките на нашите можности, да пружиме секаков вид помош во отстранување на последиците од катастрофалниот земјотрес, се вели во писмото на Вучиќ.

Најмалку шест лица загинаа, а повеќе од 300 луѓе се повредени во земјотресот со јачина од 6,4 степени според Рихтер што рано утрово ја погоди Албанија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.