Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска телефонски разговарал со премиерите на Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама за претстојната средба во Охрид, нa која продолжуваат разговорите за воспоставување на т.н.„мал Шенген“.

Како што јави дописникт на МИА, Вучиќ на својот Инстаграм профил објави фотографија на која се наоѓа на работната маса, покрај телефон и бројни документи, како и слика со неговите соработници, со порака „одличен конференциски разговор со Рама и Заев пред важниот самит во Охрид на 9 ноември“.

Минатиот месец во Нови Сад беше донесена Декларација со која е договорено разговорите за отстранување на пречките за слободен проток на стоки, услуги, капитал и луѓе да продолжат во Охрид, каде се очекува да бидат претставени конкретни мерки.

Телефонскиот разговор со премиерот Зоран Заев и Еди Рама, уследи веднаш по разговорите што тој ги имаше денеска во Белград со специјалнот пратеник на државниот секретар на САД, Метју Палмер. На зедничката прес-конференција, Вучиќ изјави дека Србија „се залага за соработка со земјите на Западен Балкан, што се гледа и преку продолжување на состаноците со  Македонија и Албанија, а потоа и со сите останати (т.н. „мал Шенген“) неделава во Охрид“, заблагодорувајќи се на подршката на САД за оваа идеја.

Отворено можам да кажам, дека САД ја подржаа оваа идеја, која се базира на четирите слободи на движење на стоки, луѓе, услуги и капиталот и ние тука очекуваме и дополнителна подршка од Палмер и од САД воопшто – изјави Вучиќ.

Палмер на прес-конференцијата, изјави дека главна тема на состанокот со српскиот претседател била политичката ситуација во регионот и косовското прашање, поврзувајќи го ова со како што кажа, „ставот на САД дека сакаат Западен Балкан да има европска перспектива“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.