Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во телефонски разговор со својот руски колега, Владимир Путин, побарал Србија што поскоро да добие дополнителни количини од руската вакцина, за што повеќе и побргу српските граѓани да добијат масовна и сигурна заштита од корона вирусот.

Вучиќ му се заблагодари на претседателот Путин за поддршката во борбата против корона вирусот, а особено за испораката на вакцината „Спутник“, бидејќи таа придонесе нашата земја да биде водечка во вакцинирањето на населението – соопшти Службата за соработка со медиумите на претседателот Вучиќ.

Во разговорот, Вучиќ истакнал дека Србија има намера со помош на експерти од Русија да изгради капацитети и самостојно да произведува вакцини.

Вучиќ потврдил дека Србија има намера и натаму да ги развива стратешките односи со Русија и истакнал дека можностите за економска соработка се многу поголеми од искористените.

Затоа треба да се посвети посебно внимание на зголемување на трговската размена, завршување на тековните и почнување нови заеднички енергетски и инфраструктурни проекти и натамошно зајакнување на соработката во областа на технолошкиот развој и иновациите, како и на воено-техничката соработка – се наведува во соопштението, во кое се додава дека Путин ја истакнал важноста на работата на Меѓувладината мешовита комисија за соработка.

Вучиќ ја истакнал и важноста на гасоводот Балкански тек, кој придонесува за енергетската стабилност на Србија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.