Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека регионалната иницијатива, која од вчера се нарекува „Отворен Балкан“, е важна за иднината на граѓаните и е во интерес на регионот, поради што нејзината имплементација ќе продолжи и покрај сите критики, јави дописникот на МИА од Белград.

-Имаше многу позитивни и многу негативни реакции, но освен бесмислената политика на затворање и ксенофобија, не слушнав сериозни аргументи против тоа, изјави Вучиќ сумирајќи ги заклучоците по вчерашниот самит во Скопје.

Вучиќ изјави дека слушнал и критики од некои европски центри, и покрај тоа што регионалната иницијатива се базира на принципите на слободен проток на стоки, капитал, услуги и луѓе.

Тој кажа дека разбира зошто некои од нив се лути, бидејќи не се во позиција да управуваат и да одредуваат што ќе се прави во регионот, туку дека ние самите ги преземавме работите во наши раце и самите си ја одредуваме иднината.

-И ние ќе продолжиме така, така прават слободните и независните држави. Работиме во наш најдобар интерес, ќе ги намалиме трошоците. Ова е голема и важна иницијатива за иднината, изјави Вучиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.