Претседателот на Србија Александар Вучиќ во опширно интервју за босанската ТВ Фејс порачува дека е неопходна соработка во регионот, бидејќи тоа е единствениот пат за земјите да напредуваат и да се развиваат, односно да се спречат младите да заминуваат во странство.

Вучиќ во разговорот со босанскиот новинар Сенад Хаџифејзовиќ зборувал за набавката на вакцини, програмата Ковакс и ковид-пасошите.

Интересно е дека Ангела Меркел и Емануел Макрон најпрво беа апсолутно против ковид-пасошите, а сега попуштаат под притисокот. Да бидам искрен, не сум сигурен за што станува збор, рекол српскиот претседател.

Вучиќ зборува за заедничките проблеми во регионот, нагласувајќи дека коронавирусот променил се.

Исти ни се проблемите на сите. Би укажал на една работа. Со страотна брзина се менуваат односите во светот, односите во Европа и регионот. Тие што беа слаби пред 7-8 години сега стануваат силни и обратно. Тоа посебно го смени коронавирусот, нагласил Вучиќ.

Во контекст на новинарската забелешка дека подарувањето на вакцини на БиХ е голема политичка победа на Вучиќ и голем пораз на босанските власти, Вучиќ рекол дека мисли поинаку и го споменал и македонскиот премиер Зоран Заев.

Јас сум малку поискусен од тие луѓе. Тие имаат проблем и со многу нивоа на одлучување, тоа го зборуваа на еден состанок. Веднаш ѝ кажав на Ана Брнабиќ дека одиме во подготовка. Во Брисел ми зборуваа за Ковакс програмата, ми велеа дека “ќе биде”, а јас ги прашував “кога ќе биде?”, вели Вучиќ и додава:

Кога петти пат ги прашав “кога” и не добив конкретен одговор, туку само ми кажаа дека прво ќе добијат тие па после ние, знаев дека требаше веднаш да почнеме со подготовка за набавка на вакцини. Мојот пријател Зоран Заев, секако во целост се потпре на ЕУ бидејќи така му беше кажано. Ние не го направивме тоа, рекол Вучиќ, пренесува face.ba.

Српскиот претседател нагласил дека веднаш договориле состаноци.

Веднаш почнавме да набавуваме билатерално со Американците. Го “бркав” Борис Џонсон, разговарав со него да ја набавиме “АстраЗенека”, разговарав со Владимир Путин. Разменив осум писма со Кси Џинпинг. Не верувам дека тоа е пораз за било кого тука, туку пораз за сите нас. Затоа што не се здруживме и не знаевме заедно да делуваме, подвлекол тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.