Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, порача дека ниту едно решение за Косово нема да постои ако не го прифати мнозинството од народот, во тој контекст посочувајќи ја Македонија како негативен пример.

Тоа сум го рекол стопати. Јас нема да си играм како во Македонија со консултативните референдуми, на кои народот кажува дека е против, а вие во Собрание го изгласувате тоа. Мислам дека тоа е добар договор за нив, го поздравив, но начинот на кој е изведено тоа, јас тоа никогаш не би го направил, изјави Вучиќ за српската телевизија Хепи.

Објаснувајќи го својот став, српскиот претседател додава дека кога референдумот нема да успее, може само да констатира дека тој не успеал и тоа да ѝ се соопшти на јавноста.

Да постоеше каков било референдум во Србија, да добиевме 49 отсто, а другата страна 51 отсто, мое ќе беше да поднесам оставка и да кажам дека референдумот во согласност со Уставот и со законот не успеа, граѓаните се решиле за некоја друга опција. Тоа би било епилогот, затоа што морате да ги почитувате граѓаните, рече тој.

Српскиот претседател истакна дека народот е носител на врховниот суверенитет и не можете да одите против народот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.